Зошто ни е потребна државата ако ја загубиме културата?

„Ако не е културата, тогаш за што се бориме?“ - Винстон Черчил
За време на Втората светска војна, кога нацистичка Германија напредува и освојува огромни територии, Обединетото Кралство заседава под водство на Винстон Черчил. Еден од најголемите предизвици тогаш бил недостигот на средства за одбрана. Во таа ситуација министерот за култура предложил буџетот од неговиот ресор да се пренамени за воени цели.
Тогаш Черчил ја изговорил реченицата што останала длабоко врежана во светската историја:
„А зошто ни е потребна државата ако ја загубиме културата?“
Ние денес не сме во војна како тогаш. Но, да бидеме искрени, се води тивка војна против достоинството на културните работници. Војна во која не паѓаат бомби, туку се уриваат права. Војна во која не се рушат градови, туку се руши вредноста на трудот.
Живееме во држава, која три децении се соочува со хроничен недостаток на финансиски средства и, речиси по правило, кратењата започнуваат токму од културата. Потоа се прашуваме зошто сме тука каде што сме, зошто ни се оспорува историјата, зошто ни се присвојува културното наследство и зошто не можеме да чекориме напред.
Полека но сигурно стануваме општество што ја почитува културата или општество што ја користи кога му треба, а ја оттурнува кога станува „трошок“?
Цената на игнорирањето на културата ќе биде поголема од кои било буџетски „заштедени“ пари.
Цената ќе биде во изгубени вредности, во замолчени гласови, во уништена иднина.
Ако денес молчиме, утре нема да има кој да зборува.