Реваншизам на министерот Зоран Љутков?

Директор е лице што треба да постапува по директива или понекогаш може да постапува и по закон?

Вработените во институцијата се изложени на силни притисоци и им се наметнува чувство на вина, како тие да се одговорни за финансиските обврски што произлегуваат од судските постапки. Дополнително, се заплашуваат дека поради нив, театарот може да биде затворен, а тие да останат без работа.
Воедно, на вработените не им се доставува програмата за работа, со образложение дека средствата од програмата ќе се пренаменат за покривање на судските трошоци.
СКРМ веќе цела година јавно укажува на последиците кои ќе настанат доколку министерот за култура не ја признае грешката во пресметката на платите во културата.
Сите последици што произлегуваат од оваа состојба се директен резултат на таквите незаконски насоки и неодговорниот однос.

Вработените во културата не прават ништо повеќе од тоа што го користат своето Уставно загарантирано право – преку судски постапки да го остварат она што им следува, а им било ускратено со незаконски акти и упатства донесени од надлежните.
Одговорноста за последиците мора да ја сноси оној што ги донел тие одлуки.
Доколку продолжи притисокот врз вработените, СКРМ ќе ги преземе сите законски мерки за нивна заштита. Лицето кое врши притисок ќе биде јавно посочено, а против него ќе бидат покренати соодветни постапки.

На крај, упатуваме јасна порака до в.д. директорот на Гостиварски театар:
Правосилните судски пресуди мора да се почитуваат и спроведуваат.
Платите на вработените треба да се пресметуваат согласно законите и колективните договори, во целост како што е утврдено во судските одлуки.
Непочитувањето на судска пресуда претставува кривично дело.

26.3.2026
Претходно:

Правосилните судски пресуди во корист на СКРМ и вработените во културата беа донесени во Националната установа Гостиварски театар. 

И токму таму, вчера, по брза постапка беше разрешен директорот.
Сега основано се поставува прашањето: Дали секој што ќе постапи спротивно на желбите на министерот, ќе биде санкциониран?

Правосилните судски пресуди мора да се почитуваат. Платите на вработените во Гостиварски театар мора да бидат исплатувани согласно судската одлука без разлика дали тоа му се допаѓа на министерот или не?

Министерот претходно разрешуваше Управни одбори, кога носеа Одлуки спротивни на неговите желби, за потоа новите членови на Управните одбори да донесат одлуки по негова желба. Сега еве почна да разрешува и директори, небаре тие се виновни што судот донел правосилна пресуда и размислуваат малку поинаку од него.

Кога ја имаш власта сè можеш да направиш, но едно нешто не можеш, а тоа е да ја сокриеш вистината. Вистината, како што велеше еден поранешен премиер, е како шило, колку и да се обидувате да ја притиснете, на крајот секогаш излегува на виделина.

А правосилните судски пресуди не можат ниту да се укинат, ниту да се поништат, ниту да се запалат. По нив мора да се постапува, министре.
И тука не се декларира никаква политика како што велите, туку судска одлука, министре.