Министерството за култура молчи, а министерот за туризам се брани со ќутење – дел од институциите во културата во целосен правен и финансиски хаос, ПОВТОРНО!
Во пресрет на исплатата на платите за месец мај, дел од институциите од областа на културата се соочуваат со целосен административен, правен и морален пресврт: одлуките на Управните одбори со кои се УВАЖЕНИ ЖАЛБИТЕ на вработените ПРОТИВ НЕЗАКОНСКИ изготвените РЕШЕНИЈА, НЕ СЕ ПОЧИТУВААТ, платите повторно не се изготвуваат законски, а тоа се врши со прикриени притисоци.
По кажување на членството, се даваат насоки за игнорирање на одлуките на управните одбори, со порака дека тие институции „нема да добијат плата до септември“ доколку постапат согласно законот и одлуките на сопствените тела. Ваквото однесување претставува грубо кршење на правото на труд, административна самоволност и директно загрозување на егзистенцијата на вработените.

Во сенка на сето ова, Министерството за финансии се користи како параван – како главен „кочничар“ за исплата на платите и легализатор на неправдата.
Во моментов, во тек се над 850 активни тужби поднесени од страна на вработените против незаконски изготвените решенија.
Очекувано е ист број тужби да се поднесат и за неисплатената разлика во плати, што ќе значи дополнителни финансиски штети и натамошен притисок врз судскиот систем и државниот буџет, за кои претпоставуваме дека министерот овојпат има предвидено и обезбедено средства.
И покрај тврдењата дека ќе има социјален дијалог, но јавно само проформа и декларативно медиумски, Министерството за култура нема доставено конкретна покана, агенда, ниту термин за состанок со СКРМ, иако уште пред еден месец номиниравме свои претставници. Очигледно е дека објавите за „почеток на преговори“ служат само за јавна манипулација и добивање на време, без реална волја за решавање на проблемите, и се разбира сето ова е “случајно” пред почеток на колективните одмори на вработените во културата.
Министре, вака ли ќе го водите секторот култура – со криење на проблемите под тепих и со одбегнување на одговорност?
Бараме веднаш, почитување на одлуките на Управните одбори, исплата на плати согласно закон и колективни договори, прекин на неформалниот притисок и уцени кон институциите и вработените, преземање одговорност за предизвиканите правни и буџетски последици.
Игнорирањето на реалноста и живеењето во “меур од сапуница” каде го гледате само и единствено сопствениот одраз како еден препознатлив лик од старогрчката митологија, наједноставно кажано е крајно неодговорно и штетно.