Културата и идентитетот наместо национална гордост – национален проблем

Десетици илјади партиски паразити 35 години го цицаат буџетот на граѓаните, но 2.400 културни работници, чувари на националниот идентитет и културното богатство се проблем...

Кој и зошто од културата направи проблем, претставувајќи ја како непотребен трошок

Во период кога Министерот за одбрана јавно најавува нов Колективен договор со повисоки плати и подобри права за вработените, во културата се водат преговори во кои суптилно се настојува да се протне „замрзнување“ на платите и намалување на веќе стекнатите права од работен однос. Сето тоа под закрила на Решение на Уставниот суд, донесено во околности кои оправдано отвораат сомнежи за политички притисок.
За поздравување е настојувањето на министерот за одбрана за континуирано унапредување на правата и материјалната положба на вработените во неговиот сектор. За жал, сосема поинаква е сликата во културата, каде што наместо унапредување на работничките права, сведочиме на однос што создава чувство на деградација, несигурност и потценување на вработените.
Разликата во пристапот кон двата сектора е повеќе од очигледна и отвора сериозно прашање за односот кон културата и кон луѓето кои ја создаваат и ја одржуваат.
Дали културата вреди помалку од одбраната? Не.
Точно е, дека безбедноста на државата е врвен приоритет и никој не го оспорува правото на припадниците на одбраната на подобри плати и подобри услови за работа. Но, културата е темелот на идентитетот, јазикот, традицијата и духовниот интегритет на една држава.
Без безбедност нема држава, но без култура нема народ што ќе ја препознае како своја.
И одбраната и културата се дел од јавниот сектор. Ако денес платите во одбраната се веќе значително повисоки од платите во културата, а се најавува и ново нивно зголемување, тогаш се поставува едноставно прашање:
Каде е проблемот во културата?
Дали проблемот се уметниците, музејските работници, библиотекарите, актерите, музичарите, конзерваторите и сите оние кои секојдневно создаваат и го чуваат културното наследство?
Или проблемот е во институциите и политиките што дозволија културата да стане единствениот сектор во кој стекнатите работнички права се доведуваат во прашање, наместо да се унапредуваат?
Проблемот не го создадоа вработените во културата. Тие само бараат да се почитуваат и да не им се одземаат веќе стекнатите права.
Затоа вистинското прашање не е дали културата е проблем.
Прашањето е: КОЈ И ЗОШТО НАПРАВИ КУЛТУРАТА ДА СТАНЕ ПРОБЛЕМ

Иако и во други сектори постојат Колективни договори со иста формула за пресметка на плата, КД за култура е единствениот што државата сака да го укине

Во момент кога постојат иницијативи и преговори што можат да доведат до ограничување или укинување на дел од договорените права во културата, што создава неизвесност кај вработените, со право се прашуваме зошто културата стана толкав проблем?
Колективниот договор за култура воспостави систем на коефициенти за пресметка на платите, со коефициенти од 1,154 до 3,265. Во меѓувреме, во високото образование се усвои нов систем со значително повисоки коефициенти, кои достигнуваат од 1,50 до 4,58.
Споредбата покажува дека на споредливи работни места коефициентите во високото образование се повисоки за 10 до над 40 проценти. Најголемите разлики се кај високообразованиот и стручниот кадар – професори, асистенти, научни и стручни соработници.
Ако методологијата на пресметка на плата е иста и во културата и во високото образование, коефициент по минимална плата, тогаш добиваме за еден сектор да се обезбедуваат повисоки коефициенти и континуирано подобрување на материјалната положба, а за друг се отвораат прашања за ограничување на веќе стекнатите права. Во овој случај се создава оправдано чувство на нееднаков третман.
Ова не е прашање на спротивставување на културата и високото образование. Напротив, и двата сектора се столбови на општеството и заслужуваат достоинствено вреднување на трудот.

Културата не бара привилегии. Бара еднакви критериуми, почитување на колективното договарање и вреднување на трудот на културните работници.