Протест на СКРМ пред Министерството за култура и туризам

„Светот го разбирам како културен натпревар меѓу народите“ - Гоце Делчев

И морето да е мастило и небото хартија не можеме да ја опишеме целата лакрдија.
Во периодот што следува треба да се зборува, затоа што молчењето е злочин не само кон другите, туку и кон нас самите.
Повторно сме овде – и оваа година, пред овие порти на Министерството за култура. Ќе има ли конечно мир за нас, културните работници? Ќе нè остават ли конечно да работиме без постојано да ни се создаваат нови проблеми? Очигледно, ова министерство почитува само една традиција – традицијата на протести. Секоја година наоѓа нов повод да нè собере токму овде. Но оваа година поводот е многу поголем. Денес сите ние сме ставени пред свршен чин. Загрозени ни се основните работнички права. Овој пат не станува збор само за платите, кои веќе втора година по ред ни се кратат. Овој пат се доведени во прашање сите наши изборени права – права за кои заедно се боревме и кои ги изборивме пред шест години, по цели три децении занемарување. Да ги потсетиме – бевме единствениот сектор во кој колективните договори се потпишуваа само на хартија, а никогаш не се спроведуваа. Нашите права зависеа од нечии лични толкувања и волја. Триесет години бевме оставени на маргините на општеството – најниско платени, без уредени додатоци на плата и без основни работнички права. И тогаш бевме „добри“. Тогаш никому не му пречевме. Никој не нè повикуваше на преговори, иако 15 години немавме колективен договор. Бевме тивки, невидливи – и затоа „прифатливи“. Денес, кога ги браниме нашите права, одеднаш сме „лошите“. Арогантни. Самобендисани. Неподготвени за дијалог. А вистината е едноставна: ние не бараме ништо повеќе. Бараме само да ни се остави она што веќе сме го договориле. Заедно протестиравме токму тука, пред ова министерство. КД го создававме со љубов, со визија и со искрена желба за подобро утро за сите вработени во културата. Имавме ентузијазам, имавме волја, имавме заедничка цел. Нè водеше една мисла – дека конечно ќе изградиме систем кој ќе обезбеди достоинство и сигурност за културните работници. Постaвивме стандарди што требаа да се пресликаат во сите други дејности. Никој не ни го подари, сами го изборивме.
И немаше никому да му пречи, како што не пречат ни другите вакви колективни договори потпишани во други дејности, доколку немаше завист, доколку некој не се водеше од логиката „на нив да им се скрати, за на нас да ни биде подобро“. За жал, токму такви луѓе, неколкумина, се најдоа на позиции од кои го спроведуваат она што веќе една година ни се случува. И ова немаше да биде толку болно ако од другата страна, министерот не беше колега. По одлуката на Уставниот суд – молк. Нема обраќање. Нема став. Нема збор до вработените. До колегите. Тишина што не е случајна. Тишина што остава простор за сомнеж. И тишина што не ја заслужуваат луѓето што со години ја градеа оваа култура. Ние не бараме многу. Бараме доследност. И бараме почит – за трудот, за борбата и за вистината. Неговото време ќе биде запаметено како период во кој културата беше сведена на бројки, закони, буџети и графикони. Време во кое уметниците наместо целосно да ѝ се посветат на уметноста, беа принудени да се борат за зачувување на своите основни работнички права, да докажуваат дали вредат за тоа колку се платени. Во неговиот мандат е под удар и постои можност да биде укинат единствениот Колективен договор што некогаш постоел во културата. Овие настани, министре, не се бришат. Ништо чудно денес и да се прашува зошто сме овде, пред Министерството за култура. „Платата е исплатена пред Велигден“, „Уставниот суд така одлучил“, „Колективниот договор го одиграл своето“, „Време е за нов“. Но ние велиме: Уставниот суд не смее да биде алатка за реваншизам! Не смее да биде средство за казнување на тие што се гласни, што бараат, што постојат! Но ова не е прашање на милостина. Ова е прашање на права. Поднесовме 800 тужби, затоа што ни беа затворени вратите за дијалог, затоа што министерот одлуките ги носеше сам, со „негови експерти“, а без синдикатите. Прашањата за плати се решаваа без работниците. Преговори се водеа без тие што се засегнати. И потоа – изненадување што има 800 тужби? Кога нема дијалог, има судови. Кога нема правда, луѓето ја бараат. И денес, дијалог на темата плата – нема. На таа тема министерот ги чека судските одлуки. А онаму каде што има правосилни судски извршни одлуки истите не ги спроведува. Една институција од културата уште нема плата, само затоа што има судски пресуди. На испратени дописи од стана на институцијата, пишани одговори нема. Усно се даваат насоки за пресметка на плата и непочитување на судските пресуди.

Темата за платите за Министерот и сите други во Министерството е затворена и ние треба по секоја цена да ја прифатиме. Кога постојат правосилни судски пресуди не може да се преговара, треба истите да се спроведат. Преговарањето за нов Колективен договор не смее да биде параван. Не смее да служи за сокривање на вистината. Ако навистина сакате нов договор, ние сме подготвени. Не бараме ништо повеќе од тоа што веќе постои. Ако навистина сакате да ни дадете повеќе, кажете што е тоа. Да видиме што навистина значи „повеќе“ во вашата визија. Сигурни сме, од подобро никој не бега. Нè носат во ситуација културата да ја стават во рамка. Не разбираат дека културата не е нешто што се ограничува – таа е уметност што постојано се создава, се развива и се преиспитува. За нив културата е скапа и непотребна. А вистината е поинаква: културата не е трошок, туку инвестиција. Колку повеќе вложуваш во културата, толку повеќе добиваш – во луѓето, во свеста, во иднината на овој народ. Но што добивме ние низ сите овие години? Институции сведени на бројки, наместо на вредности. Површни концепти наместо суштински визии. Губење институционална тежина и доверба. Наместо систем што гради сигурност, добивме импровизација. Буџет зависен од политички одлуки. Унапредувања по блискост, а не по заслуга. Хиерархија на стручни звања, која постои само формално без реална примена. Вработувања надвор од мерит-системот. Стратегии што се менуваат со секоја нова власт и никогаш не заживуваат. Секоја власт со „нова визија“, а со тоа и прекин на долгорочните процеси. Истражувања се запираат, проекти се преиспитуваат, институциите стануваат терен за преориентација. Културата бара континуитет, таа е меморија. Таа бара стабилни институции, не привремени решенија. Институциите не се градат со декларации, туку со луѓе, услови и јасни улоги. Ако системот не функционира, грижата за културата е само формална. Политиката е таа што се менува. Културата треба да опстои. Денес бројките станаа најважни, се бројат претстави, изложби, проекти. Но не се мери квалитетот. Не се мери длабочината. Не се мери стручната релевантност. Затоа што квантитетот е лесен за броење, а квалитетот бара критериуми, знаење и одговорност. Па така, добиваме индолентност во струката, површни концепти и краткорочни ефекти. И наместо да се градат стандарди, се најавуваат спојувања и трансформации на институции, децентрализација во услови кога не се исполнети никави критериуми и на крај се доведува во прашање единствениот Колективен договор што функционирал во културата. А утре? Утре можеби ќе се обидат да нè укинат и нас, да не постоиме, да не твориме, да не создаваме. Но културата не може да се укине. Таа живее онолку долго, колку што постои потребата човекот да мисли, да чувствува и да создава. Од толку што се бараат начини како овој Колективен договор да го снема, дури и Уставниот суд испадна контрадикторен пред јавноста. Во 2021 и во 2024 година, кога истиот овој Колективен договор беше пред Уставниот суд, за истото прашање зборуваа едно. Денес зборуваат друго. Каде е правната сигурност во оваа држава? Како е можно една иста работа да се толкува на различни начини? Како е можно за исто прашање да се даваат различни мислења? Во 2021 година, истите тие уставни судии јасно кажаа: правото на плата се уредува со закон и со колективни договори. И дека утврдувањето на коефициентите е прашање што го договараат страните во колективното преговарање. Денес, пет години подоцна, за истото велат нешто сосема спротивно: дека Колективниот договор наводно не се движи во рамките на законското овластување. Дека не ја разработува законската норма, туку воспоставува сопствен модел. Дека во Законот за култура немало методологија, критериуми, граници и коефициенти. Ако од 2021 до денес ништо не е сменето – ни законите, ни Колективниот договор – а сменета е само власта, тогаш прашањето е едноставно: Дали Уставниот суд одлучува по стабилни принципи или ги менува правилата кога некому му одговара? Правото не смее да зависи од тоа кој е на власт. Правдата не смее да биде променлива категорија. Во развиените земји кон кои сите велиме дека се стремиме, се почитува колективното договарање. Тоа е темел на работничките права. И според јавно достапните информации, досега не се случило една европска државата да укине Колективен договор на ваков начин. Кон кои стандарди ние се стремиме? Кон кои вредности? Постои пример во Турција, каде што Колективен договор бил укинат. Но таму, Европскиот суд за човекови права во Стразбур јасно утврдил дека тоа било бесправно. Тоа значи дека не само што е погрешно, туку е и спротивно на европските стандарди и ратификувани конвенции.
И сега, ние? Ние ќе бидеме првите што ќе го оспорат колективното договарање? Првите што ќе бараат причини да не важи договор за 2300 работници, по секоја цена? Ова не е само правно прашање. Ова е прашање на принципи. Прашање на правичност. Прашање на тоа дали стоиме зад вредностите за кои декларативно се залагаме. Дека сè е тенденциозно и со намера, покажува и објавата на Уставниот суд на својата официјална страница со истакнување на најниската и највисоката плата во културата. Од кога Уставниот суд се занимава со висина на плати? И зошто токму тој податок е важен за објава? Дали тоа е правна анализа или обид за манипулација на јавноста? Ако веќе се отвора прашањето за „дискриминација“, тогаш да бидеме до крај јасни: дали ние сме дискриминирани во однос на институции каде што платите се далеку повисоки? Дали тоа значи дека сите ние со пониски плати сме дискриминирани само затоа што некој друг има повеќе? Законот е општ. Но Колективните договори постојат токму за да го доуредат тоа што законот не го прецизира. Тие се алатка за правичност, алатка за рамнотежа, алатка за договор меѓу работниците и работодавачот. Ако нешто не е забрането со закон, тогаш е дозволено. Ако не постои забрана, не постои ни прекршување. Кој закон забранува утврдување на коефициентите во Колективен договор? Каде точно е таа одредба? Затоа што ако таква одредба не постои, тогаш ова не е правен проблем. Ова е обид за уривање на нешто што веќе постои. Со аргументи што не држат. И тоа не смееме да го прифатиме. Затоа денес не сме тука случајно.
Тука сме затоа што правдата не се добива – се бара.
Нема да молчиме додека ни ги одземаат правата. Нема да прифатиме неправда како ново „нормално“. Нема да дозволиме трудот на 2300 работници да биде избришан со една одлука. Ние не сме бројки. Ние сме културата на оваа држава. Доста беше игнорирање. Доста беше понижување. Доста беше носење одлуки зад затворени врати! Нема повеќе тишина. Нема повеќе повлекување. Нема повеќе „ќе видиме“. Ова е наш труд. Ова се наши права. И нема да ги дадеме! Ако нема дијалог – ќе има уште погласен отпор. Ако нема решение – ќе има уште поголем притисок. Не смееме да застанеме. И нема да застанеме.