Како што Понтиј Пилат на Велики четврток ги измил рацете, обидувајќи се да се ослободи од вината за смртта на праведникот, така и министерот за „култура“ на Велика среда најверојатно ќе се обиде да ја избрише сопствената одговорност, криејќи се зад Записникот од 131-та седница на Владата на РМ.
На таа седница, каде што премиерот и министерката за финансии не биле пприсутни, а министерот за „култура“ Зоран Љутков, лично присутен, зад грб на вработените во културата, „гордо ги бранел“ интересите на правата на вработените во културата.
На седницата се доставени податоци како пресметки за плати, судски одлуки, листа на предмети кои се водат пред Основен граѓански суд Скопје со број на предмет
и податоци за тужител и тужен, листи анализи и други материјали, со една цел: да придонесе кон дискредитација на Колективниот договор за култура и да се прикаже и како незаконски и како неуставен.
Фактот што во рамки на расправата на Владата биле изнесени аргументи поврзани со потенцијални буџетски импликации од тековни и идни судски постапки, вклучително и наводи за можни високи трошоци по основ на адвокатски услуги всушност ја става во фокус прикриената цел а тоа во случајот не се стекнатите права на работниците и колективниот договор, туку прашањето на уставност и законитост се доведува да се темели на фискални проценки, а не на на Уставот и важечките закони!
Цитат: „…доколку Уставниот суд смета, може да побара дел од предметите на увид како би се запознал со содржината на овие тужби. Едно е сигурно, доколку вака поставените тужбени барања бидат усвоени, Буџетот на државата ќе мора да исплати трошоци на адвокати кои би биле во милионски суми, а со оглед на бројот на тужбите кои се испратени…“
Во исто време, од собраниската говорница и на јавни прес-конференции, истиот тој министер го слушавме како го брани токму тој договор и декларативно се залага за негово спроведување.
Оваа двојна улога, неочекувана за човек кој „доаѓа“ од културата е поразителна, навредлива и крајно неприфатлива за секој граѓанин, а особено за секој вработен во културата.
Зоран Љутков можеби смета дека е „чист“ и дека со еден потпис или записник ги измил рацете од одговорноста за „смртта“ на Колективниот договор за култура и дека за ова можеби ќе биде „награден“ со испраќање надвор од државата по „завршување“ со мандатот?
Но, одговорноста не се брише така лесно.
Исходот од судските пресуди и штетата што ѝ ја нанесе на културата со незаконски упатства и насоки не може да се сокрие, ниту да се избрише со евентуално укинување на Колективниот договор за култура.
Тоа не е апсолутно никаква реформа туку обид за бегање од одговорност!
Неговите одлуки ќе останат запаметени како срамен преседан – како пример на функционер кој наместо да ги штити културните работници, свесно застана против нив, против своите, и против културата што требаше да ја брани.
По Велики петок доаѓа Велигден – денот кога вистината излегува на виделина, кога правдата, чесноста и верата ја победуваат лагата.
КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОР ЗА КУЛТУРА НЕ ПРЕТСТАВУВА САМО ПРАВЕН АКТ, ТОЈ Е СИМБОЛ НА ЕДНАКВОСТ, ПОЧИТУВАЊЕ НА РАБОТНИЧКИ ПРАВА И ДОСТОИНСТВЕН ЖИВОТ ЗА КУЛТУРНИТЕ РАБОТНИЦИ, КОИ ОВА ГО ЧЕКАА ПОВЕЌЕ ОД 30 ГОДИНИ, ОТТУРНАТИ НА МАРГИНИТЕ НА ОПШТЕСТВОТО.
Останува да видиме дали на 8 април Уставниот суд на Република Македонија ќе постапи согласно своите уставни надлежности и по трет пат ќе потврди дека Колективниот договор за култура е уставен и законски валиден или под притисок на финансиски импликации ќе ги врати вработените во културата во камено доба.