Се сруши дел од плафонот во големата сала во Центарот за култура во Битола. За среќа, врз ничија глава, како што беше случајот со КИЦ во Скопје.
Првично, во 2015 година, паѓањето на дел од кровот беше причината за затворањето на Универзална сала, еден од симболите на Скопје, кој институциите сè уште не можат да им го вратат на граѓаните.
11 години чека изградбата на Турскиот театар, Прилеп со години чека решение на ситуацијата со моментално затворениот театар, Кумановскиот театар се реновира од 2021, по седум години стагнација продолжи доизградбата на театарот во Струмица…
Кровот беше причина Универзитетската библиотека да стане руина, пред надлежните да се сетат дека во неа се чува целата пишувана историја на оваа земја.
Кровот е наводно причината зошто не функционира единственото градско кино во Скопје, киното Милениум, како и единствениот Планетариум во државава.
Ова е само мал дел од институциите од културата за кои не се водела грижа со децении. Културните работници и јавноста со години алармираат за недозволиво лошата состојба во која се наоѓаат одредени институции, а безбедноста во некои од нив одамна е доведена во прашање.
Очигледно, многуте слики и самопофалби на политичарите овие 35 години при долгоочекуваното реновирање, санација, поправка итн. не е доволно за да може секој кров над нашите глави да стои стабилно и граѓаните да се чувствуваат безбедно. Крпениците, кованиците, лепенките, импровизациите со кои се избегнуваат стандардите, еден ден ќе излезат на виделина. Тој ден, ќе се молиме да не се срушат врз нечија глава.