МИНИСТЕРСТВО БЕЗ ГОДИШЕН ПЛАН,
МИНИСТЕРСТВО ШТО НЕ ПОЧИТУВА НИ РЕВИЗОРСКИ ИЗВЕШТАИ
Деновиве беше објавен ревизорскиот извештај за работата на Министерството за култура за изминатите 5 години. Констатирани се недостатоци во распределбата на средствата за културни проекти, не постојат јасни квалификации за членови на комисиите, утврдени се исплати на надоместоци без законска основа, имало пропусти во две јавни набавки од 18 милиони денари, не се постапувало по препораки од претходната ревизија, итн.
Од Министерството за култура, наместо понизно да ја наведнат главата дека се фатени на дело со крајно неповолен извештај, во одговор до ДЗР тие бесрамно упатуваат забелешка дека очекувале предмет на ревизија да биде и Колективниот договор за култура и одредбите за исплата на плата, додатоци на плата и надоместоци на плата.
Според ова „очекување“, тие сметаат дека земањето на плата, додатоци и надоместоци по Колективен договор за култура, склучен и со нив како една од потпишаните страни, е дискутабилно и треба да се провери „законитоста и основаноста на ваквите исплати“, небаре тоа е причината за нивниот катастрофален ревизорски извештај.
Ова е уште еден јалов, дури трагикомичен обид налик на народната „држ’те го крадецот“, заткулисно да се подрие еден од најдобрите моменти што се случил на вработените во културата, а тоа е егзистенцијалната стабилизацијата што ја добија со Колективниот договор за култура, кој воедно стана пример за многу други Колективни договори во Република Македонија, а до збор беше препишан и имплементиран од две балкански земји.
Министерството за култура 30 години назначува директори, одобрува вработувања, одредува буџет, одлучува за програма. Ја држи целата моќ во свои раце, па оттука се прашуваме, дали некому му одговараше хаосот со платите во културата кој владееше безмалку 30 години? Кому му беше од корист работењето во „сива зона“, односно со нерегулирани процеси, без Колективен договор?
Според ДЗР, на дел од вработените во Министерството за култура од април 2023 годиина, незаконски им бил исплаќан додаток на плата од 30%, „како мотив за подобро извршување на работните обврски“, кршејќи се три закони, Закон за култура, Закон за административни службеници и Закон за извршување на буџет за 2023 година. На вработените во „Охридско лето откако два месеци беа без плата, по притисок од МК, месец август им беше исплатен без додатоци за прекувремена работа и ноќни часови, кои законски им следуваа според Колективниот договор и Законот за работни односи, а кои тие чесно ги одработија.
Очигледно е дека законите во министерството за култура се толкуваат по потреба и како што некому таму му одговара.
Почитувани, затоа ли го спорите Колективниот договор? Затоа ли се обидувавте да го срушите по секоја цена? Затоа ли нѐ убедувавте да потпишуваме разноразни анекси изминативе години? Затоа ли секоја корекција на плата според минималната плата кај вас имало тврдокорен отпор? Затоа ли се пустите „очекувања“ дека ДЗР треба да се сомнева во законитоста на Колективниот договор за култура?
За јавноста мора да истакнеме дека во желба да изградиме партнерски однос со вработените во Министерството за култура, СКРМ секогаш бил солидарно на нивна страна и им давал отворена поддршка во настојувањата за достоинствени примања.
Константно правејќи ја фамата во јавноста за платите во културата работат на своја штета. Не се високи платите на професионалците во културата, ниски се на вработените во Министерството за култура!
На крај, дали со потписот на забелешката за „законитоста на исплатата на платите“ до ДЗР, министерот за култура застанува зад неоснованите хирови на вработените во Министерството за подривање на Колективниот договор за култура? Дали со неисплатата на додатоците на плата за август (при исплатени јуни и јули) на вработените во „Охридско лето“, смета дека додатоците кои следуваат според Колективниот Договор за култура се дискутабилни, како што сметаат вработените во Министерството за култура Дали новиот министер за култура ќе тргне по стапките на претходната министерка, која заврши неславно, и ќе застане зад неколку вработени во министерството за култура, притоа влегувајќи во конфликт со вработените во институциите, спорејќи им го Колективниот договор?
Едно нека е јасно Колективниотдоговор за култура со сите негови одредби важи до потпишување нов.