СКРМ низ годините покажа и докажа дека борбата за работничките права која ја води за своето членство е секогаш основана и законска.
На бројните состаноци одржани во Министерството за култура, секогаш сме разговарале аргументирано, бранејќи ги правата на културните работници согласно Колективните договори и законите.
Од другата страна, секогаш сме се соочувале со отпор кој се засновал на лични ставови и уверувања, без аргументирани образложенија за причината зошто така се постапува.
Ваквите еднострани насоки за пресметка на платите, кои беа дадени во април од Министерство за култура, без да се има слух за тоа што, согласно закон го зборува синдикатот, доведе до тужби, а сега и до пресуди во корист на културните работници и СКРМ.
Се надеваме дека министерот за култура Зоран Љутков конечно ќе ја признае грешката што ја направи во април 2025 година и на своите вработени и колеги ќе им го врати тоа што тогаш им го скрати. А во иднина, СКРМ нема да го гледа како противник туку како свој социјален партнер.